Легендарниот италијански тренер Фабио Капело со жестоки критики се огласи по неуспехот на Италија да избори пласман на Светското првенство 2026, откако беше поразена од Босна и Херцеговина во финалето од баражот. Според него, станува збор за сериозен удар кој ја разоткрива длабоката криза во италијанскиот фудбал.
Капело не го криеше разочарувањето, нагласувајќи дека ваквиот исход е тежок за прифаќање, особено ако се земе предвид реномето и историјата на „аѕурите“.
„Цела ноќ не склопив око, сè уште не можам да поверувам што се случи. Зборуваме за трикратен светски шампион, ова е спортска трагедија, огромен срам. Една од најлошите работи што му се случиле на италијанскиот фудбал во поновата историја“, изјави Капело.
Искусниот тренер смета дека проблемите не се ограничени само на теренот, туку се многу подлабоки и бараат сериозен системски пристап.
„Мора да се соберат експерти, да се анализира што се случува и обновата да почне од темел. Проблемот не се само резултатите, туку структурата“, нагласи Капело.
Свесен е дека пред нив има многу работа за да се вратат каде што посакуваат.
„Ќе биде многу тешко да се опоравиме од ова, но верувам дека токму овој удар може да биде почеток на вистинска обнова. Италија мора повторно да се измисли“, додаде италијанскиот стратег.
Ќе потсетиме, Италија последен пат настапи на Мундијалот во 2014 година, а до следната шанса ќе чекаат најмалку до 2030 година.