Селекцијата на Италија повторно доживеа тежок удар на патот кон големите натпреварувања, откако „аѕурите“ беа елиминирани во баражот за Светското првенство по поразот од Босна и Херцеговина во Зеница по изведување пенали.
По мечот, селекторот на Италија, Џенаро Гатузо, им се обрати на навивачите и ја презеде одговорноста за неуспехот, но воедно застана во одбрана на своите фудбалери.
„Овие момци не го заслужија ова, со оглед на трудот, страста и решителноста што ја покажаа. Имавме неколку добри шанси, додека нивните нафрлувања ретко создаваа сериозна опасност. И понатаму сум горд на овие момци. Ова е тежок момент за италијанскиот фудбал и исклучително болно е да се испадне на ваков начин. Ако сега ме прободете со нож, нема да капне ниту една капка крв. Не сакам да зборувам за судијата, ова е фудбал. Долго сум во овој спорт, сум доживеал и победи и тешки порази, но ова навистина е тешко да се прифати. Сега не е момент да се зборува за мојата иднина. Најважно беше да се пласираме на Светското првенство. Ќе ја паметиме добрата игра, но поразот боли. Разочарани сме“, изјави Гатузо.
Ова е трет последователен неуспех за Италијанците да се пласираат на Мундијалот, по елиминациите од Македонија за СП 2022 и од Шведска за СП 2018, што дополнително ја продлабочи кризата во редовите на некогашниот светски шампион.