Тажна вест пристигна од Бугарија, легендарниот голман и долгогодишен претседател на Фудбалскиот сојуз на Бугарија, Борислав Михајлов, почина на 63-годишна возраст.
Михајлов од крајот на минатата година се наоѓаше во индуцирана кома, откако доживеа мозочен удар. И покрај напорите на лекарите и поддршката од семејството, не успеа да се опорави.
Тој ќе остане запаметен како една од клучните фигури во најголемиот успех на бугарскиот фудбал, бронзениот медал на Светското првенство во САД во 1994 година.
Особено ќе се памети неговиот настап во четвртфиналето против Мексико, кога одбрани два пенали и ја одведе Бугарија меѓу четирите најдобри селекции во светот. За националниот тим настапи 102 пати, а беше дел и од Светското првенство во 1986 година во Мексико.
Во клупската кариера, најголема трага остави во Левски Софија, со кој освои три шампионски титули и три купови, а во 1986 година беше прогласен за фудбалер на годината. Бранеше и во Португалија (Белененсеш), Франција (Милуз), Англија (Рединг) и Швајцарија (Цирих), каде што ја заврши кариерата.
По завршувањето на играчките денови, остана тесно поврзан со фудбалот. Од 2005 година беше претседател на Фудбалскиот сојуз на Бугарија, функција што, со кратки прекини, ја извршуваше до 2023 година.