Францускиот фудбалски гигант Олимпик Марсеј на 8 април и официјално ќе добие нов клупски грб, тринаесетта промена од основањето на клубот во 1899 година. Новото лого ќе донесе освежен изглед: наместо препознатливата небесносина, ќе доминира потемна нијанса, а формата ќе биде позаоблена во однос на актуелниот дизајн од 2004 година. Инспирацијата, пак, доаѓа од историскиот грб што клубот го користеше меѓу 1935 и 1972 година.

Сепак, првичниот предлог не помина без реакции. Навивачите остро се спротивставија на идејата да се отстрани ѕвездата, симболот за освоената титула во Лигата на шампиони па клубот на крајот попушти и ја задржа.
Ѕвездата е дел од грбот уште од 1996 година, а фановите успеаја да го сочуваат и препознатливиот слоган под логото, кој речиси секогаш бил негов составен дел, со исклучок на периодот од 1935 до 1981 година.
