Капитенот на БиХ, Един Џеко вели дека момците на Џенаро Гатузо не треба да се жалат за теренот и стадионот во Зеница, ако има некој што е навикнат да игра на лоши стадиони, тоа се Италијанците.
БиХ утре ја пречекува Италија во финалето за баражот за мундијалот во САД, а домаќините решија билетот да го бркаат на „Билино Поле“ во Зеница.
Италијанците имаат многу замерки за стадионот и теренот, па добија одговор од Един Џеко.
„Видете, и јас сакам да играм на подобри стадиони. Позабавно е кога стадионот е поубав, кога теренот е поубав“ – вели капитенот на БиХ.
„Но стадионот на Емполи не е ништо подобар од овој во „Билино Поле““.
„Исто така, ако некој е навикнат да игра на лоши стадиони, тоа се Италијанците. Ова нема да биде ништо ново за нив“.
Во пресрет на натпреварот настана контроверзија откако фудбалерите на Италија беа „уловени“ како се радуваат на победата на БиХ, некој ова го протумачи како непочитување, но Един Џеко ги повика навивачите да покажат респект кон противникот.
„Сите треба да станат и да аплаудираат на химната на Италија. Тие дојдоа тука да играат пријателски натпревар по војната во Босна во 1996. За ова, треба вечно да им бидеме благодарни“.
„Но потоа, во тие 90 минути, ќе се води голема борба на теренот. Пред и по натпреварот можеме да бидеме пријатели“.