Искусниот Клемен Турпан ја доби довербата да ја дели правдата на бараж натпреварот помеѓу БиХ и Италија, а „аѕурите“ одма посочија дека ова е истиот судија од кобниот меч во Палермо пред четири години кога беа шокирани од Македонија.
Италија ги пропушти последните две Светски првенства, па момците на Џенаро Гатузо се под огромен притисок во пресрет на бараж пресметката против БиХ.
Во Зеница ќе ги чека пеколна атмосфера на стадионот, а снегот кој го зафати Балканот дополнително им ги поремети плановите, па утре наутро ќе биде одработен тренинг во базата во Коверчијано, за попладнето во 16:30 да летнат од Фиренца.
За оние суеверните, денеска пристигна уште една информација која не им оди во полза, искусниот Клемен Турпан ја доби довербата да ја дели правдата.
Французинот пет пати им судел на „аѕурите“, имаат три победи и два порази, од кој еден е особено болен.
Станува збор за кобниот натпревар во Палермо од пред четири години, кога Македонија ја шокираше Италија во полуфиналето од баражот за пласманот на мундијалот во Катар.