Фудбалската статистика понекогаш знае да понуди податоци што звучат речиси неверојатно, а еден таков куриозитет деновиве се поврзува со Карни Чуквуемека. Станува збор за 22-годишен фудбалер за врска на Борусија Дортмунд кој во својата досегашна сениорска кариера има 97 настапи, но ниту еднаш нема одиграно цел натпревар.
Чуквуемека дебитираше пред пет години во Астон Вила, а потоа настапуваше и за Челси и сега за „милионерите“. Роден е во Виена во 2003 година, а фудбалски се развиваше во младинските академии на Нортхемптон Таун и Астон Вила пред да зачекори во сениорскиот фудбал.
Од вкупно 97 настапи, дури 79 пати влегол од клупата, додека 18 пати бил стартер, но секогаш бил заменуван пред крајот. Со други зборови ниту еднаш не одиграл 90 минути. Овој податок отвора прашање како е тоа можно, а одговорот најверојатно лежи во неговата улога на теренот. Често се користи како играч што внесува свежина од клупа, додека во мечевите што ги започнува бил повлекуван поради тактички замисли, ротации или распределба на минутажата.
Приказната е уште поинтересна бидејќи не станува збор за непознат фудбалер. Чуквуемека со години важеше за еден од најталентираните млади играчи за врска во англискиот фудбал. Дополнително внимание привлекува и неговиот репрезентативен избор. Иако настапуваше за младинските селекции на Англија, поради тоа што е роден во Австрија, реши да игра за таа земја, каде би можел да соработува со селекторот Ралф Рангник.