Италија се соочува со нови проблеми во пресрет на баражот за Светското првенство, откако селекторот Џенаро Гатузо потврди дека Федерико Киеза го одбил повикот за националниот тим.
Крилниот напаѓач не е повреден, туку сам побарал да биде изземен од списокот, бидејќи не се чувствувал психолошки подготвен за настап. Одлуката предизвика реакции во јавноста, но Гатузо застана зад играчот.
„Не можеш да ги ставиш сите во ист калап. Кога ќе почувствувам дека некој не е сигурен, морам да реагирам. Киеза сам одлучи да си замине и јас го почитувам тоа. Не сакам никого да терам на сила“, изјави селекторот.
Дополнителен удар за „аѕурите“ е и отсуството на Џанлука Скамака, додека под знак прашалник остануваат Алесандро Бастони и Џанлука Манчини, што ја прави ситуацијата уште посложена пред клучниот меч.