Еден од клучните фудбалери на ФК Барселона, Гави, доби дозвола од медицинскиот тим повторно да се врати во конкуренција за настап. Младиот играч за врска ќе му биде на располагање на тренерот Ханси Флик за утрешниот дуел против Севиља на стадионот Камп Ноу.
Фудбалерот кој го носи дресот со број шест подолго време беше надвор од терените поради повреда на менискусот што ја заработи кон крајот на август. Иако стануваше збор за сериозен удар, Гави повторно успеа да се опорави и да се врати во тимот.
Во текот на оваа сезона тој настапи само на натпреварите против Мајорка и Леванте, додека поради повредата пропушти околу 40 средби во сите натпреварувања.
Во составот на Барселона и понатаму има неколку повредени играчи. Надвор од тимот се Андреас Кристенсен, Френки де Јонг, Алехандро Балде и Жил Кунде, а нивното враќање на терените се очекува на почетокот на април, по завршувањето на репрезентативната пауза.