Поранешниот менаџер на Тотнем, Хари Реднап, изрази сериозна загриженост дека неговиот поранешен клуб би можел да стане „фаворит за испаѓање“ од Премиер лигата.
Реднап (79), кој ги водеше „спарс“ во периодот од 2008 до 2012 година и остави силен впечаток кај навивачите, се огласи по срамниот домашен пораз од Кристал Палас со 3-1 вчера вечер. Со тој пораз клубот падна на само еден бод над зоната за испаѓање..
Гостувајќи на радиото „Токспорт“, Реднап даде црна прогноза за актуелната ситуација.
„Тоа беше уште една катастрофа. Пред четири или пет недели не можев ниту да замислам дека Тотнем ќе се бори за опстанок. Секоја недела ситуацијата стануваше сè полоша“, изјави тој.
„Но, Тотнем сега е во проблем. Изгледа како дури да би можеле да бидат фаворити за испаѓање, толку очајна е ситуацијата“, додаде Реднап.
Во дел од јавноста токму Реднап се споменува како можно решение за преземање на тренерската клупа од Игор Тудор, кој има тежок почеток во својот привремен мандат, меѓутоа засега тоа не изгледа реално.