Поранешниот чилеански репрезентативец Артуро Видал повторно го отвори прашањето за спорните судиски одлуки на натпреварите на Реал Мадрид во Лигата на шампионите во минатото.
Легендарниот играч за врска, кој во кариерата настапуваше за Јувентус, Баерн Минхен, Барселона и Интер, без задршка зборуваше за шпанскиот гигант во подкастот „Енфакадос“, потсетувајќи се на елиминациите на Баерн од мадридскиот клуб. Видал откри дека по тие натпревари имал чувство дека неговиот тим бил оштетен.
„Да, се чувствував украден по натпреварите против Реал Мадрид. Во две средби од Лигата на шампионите со Баерн, во четвртфиналето и полуфиналето, кога нѐ елиминираа. ВАР е воведен поради Реал Мадрид. Пред него едноставно имаше премногу кражби. Токму затоа беше измислен, за повеќе да не крадат“, изјави Видал.
Искусниот фудбалер денес настапува за чилеанскиот Коло Коло, но очигледно дека и по години не ги заборавил дуелите со „кралевите“ во елитното европско натпреварување.