Ова дефинитивно не е сезоната на Дани Карвахал. Искусниот шпански фудбалер најчесто е на клупата за резерви откако се врати по тешката повреда, а тоа очигледно му создава голема нервоза дури и на тренинзите.
Од почетокот на годинава Карвахал е со тимот и редовно тренира, но фрустрацијата излезе на површина на натпреварот на „Местаља“ против Валенсија. По мечот, кој беше петти по ред на кој не доби ниту минутажа, имаше разговор со кондициониот тренер, а камерите забележаа дека расположението не му е на завидно ниво.
Во првенството одигра околу триесет минути против Реал Сосиедад, кога влезе наместо Трент Александер-Арнолд, додека против Бенфика во двата натпревари доби вкупно само една минута. Премалку за фудбалер со негово реноме.
Сето тоа очигледно влијае и на неговата самодоверба, која е сериозно разнишана. Сѐ помали се шансите токму тој да ја предводи шпанската репрезентација како капитен на Светското првенство, а во меѓувреме му создаде и проблем на Реал Мадрид.
На тренинг минатата недела го повредил младиот Виктор Валдепењас, кој поради тоа би можел да паузира и до еден месец. Станува збор за еден од клучните играчи на Кастиља. Според пишувањата на шпанските медиуми, Карвахал не покажал знаци на жалење, туку, напротив, бил прилично иритантен кон фудбалерот кого го повредил и не се извинил.