Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, на денешната прес-конференција најави дека неговиот тим подготвен ќе го дочека реваншот против Самсунспор, во кој тетовци ќе се обидат да ја анулираат минималната негатива од 1-0 по првиот меч одигран во Скопје.
Иако турскиот состав важеше за фаворит и пред првиот дуел, Беќири е оптимист дека неговите избраници можат да стигнат до посакуваниот резултат. Сепак, тој нагласи дека за такво нешто ќе биде потребно далеку подобро издание од она што го прикажаа минатиот четврток.
„Нормално дека сакаме успех, но мора да сме на највисоко ниво. Самсунспор е силен тим, меѓутоа верувам дека и ние ќе бидеме подобри утре. Ќе направиме се што е во наша моќ. Првиот натпревар за нас беше тежок, утре ќе играме подефанзивно, а ќе се обидеме и да го наметнеме нашиот ритам. Противникот го анализиравме и ќе се бориме“, порача Беќири.
Реванш средбата е закажана за утре со почеток од 18:45 часот, кога Шкендија ќе ја бара својата шанса за пресврт и пласман понатаму.