Францускиот напаѓач Антоан Гризман најверојатно ја игра својата последна сезона во дресот на Атлетико Мадрид, бидејќи шансите да се пресели во американската МЛС лига се поголеми од кога било, пренесуваат британските медиуми.
Според информациите, светскиот шампион со Франција од 2018 година е на радарот на Орландо сити, кој сака трансферот да го заврши во наредните месец дена, со оглед на тоа што преодниот рок во МЛС завршува на 26 март.
Истиот извор наведува дека клубот од Флорида не е единствениот заинтересиран, туку дека повеќе екипи покажале интерес за искусниот офанзивец, но Орландо има намера што побрзо да ја финализира зделката.
Доколку трансферот не се реализира до крајот на следниот месец, тимот од САД ќе има нова можност во летниот преоден рок, кој трае од 13 јули до 2 септември.
Иако официјални преговори меѓу двете страни сè уште нема, весникот „Њујорк тајмс“ објави дека спортскиот директор на Орландо неколкупати престојувал во Шпанија, распрашувајќи се за условите под кои би можел да го доведе Гризман.
Сепак, и покрај брзањето на американскиот клуб, малку е веројатно дека Французинот ќе го напушти Мадрид пред крајот на сезоната, особено поради фактот што финалето на Кралскиот куп е закажано за 18 април, а „јорганџиите“ нема лесно да се откажат од еден од своите клучни играчи во борбата за трофеј.