Тиквеш освои злато вредни бодови во борбата за опстанок, откако на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров славеше со 0-1 во 19. коло од ПМФЛ. Кавадарчани ја запишаа втората пролетна победа и се искачија на седмата позиција со 24 бода, додека „лавовите“ останаа на 19 на десеттото место.
Гостите беа поконкретни уште во првиот дел, но не успеаја да го совладаат расположениот Ристо Јанков, кој одбрани неколку сериозни обиди. Македонија ЃП се обидуваше преку контранапади, но недостасуваше завршница. Тиквеш дополнително беше ослабен со повредата на капитенот Даниел Мојсов, а во првиот дел имаше и спорен момент по остриот старт врз Тодоров кој беше санкциониран со жолт картон.
Во продолжението Сила ја затресе мрежата, но погодокот беше поништен поради офсајд. Решението пристигна во 78. минута. По уфрлување во шеснаесетникот и одлична реакција со пета на Тодоров, Сила шутираше, Јанков одбрани, но на одбиената топка најдобро се снајде Лусианињо кој од непосредна близина ги постави конечните 0-1.
До крајот домаќините немаа одговор, па Тиквеш сосема заслужено се врати од Ѓорче Петров со цел плен.