Скандалот по натпреварот меѓу Бенфика и Реал Мадрид доби нов пресврт, откако Џанлука Престијани се огласи пред УЕФА и ја изнесе својата верзија за инцидентот со Винисиус Жуниор. Аргентинецот признал дека упатил навреда кон бразилскиот фудбалер, но тврди дека не користел расистички збор. Според неговото сведочење, тој употребил хомофобична навреда, а не расистичка, како што првично беше пријавено.
Случајот веднаш привлече огромно внимание во јавноста, особено поради сериозноста на обвинувањата. Винисиус Жуниор по мечот реагираше бурно и побара заштита од судијата, тврдејќи дека бил мета на навреди од противнички играч.
Иако Престијани се обидува да направи разлика во содржината на навредата, дисциплинските прописи на УЕФА се јасни. Членот 14 од регулативата предвидува иста рамка на казнување за навреди врз основа на раса, боја на кожа, етничко потекло, религија, пол или сексуална ориентација. Во правилникот стои дека секое лице кое ќе ја навреди човечката достоинственост на поединец или група врз која било од наведените основи ќе добие суспензија од најмалку 10 натпревари или казна во определен временски период, како и можност за дополнителни санкции.
Тоа значи дека, без разлика на формулацијата, доколку УЕФА утврди вина, Престијани се соочува со сериозна суспензија која може значително да влијае врз неговата сезона. Одлуката на дисциплинските органи на УЕФА се очекува во наредниот период, а овој случај повторно ја отвори дебатата за говорот на омраза и одговорноста на фудбалерите на највисоко ниво.