Тренерот на Баерн Минхен, Винсент Компани, јавно застана во одбрана на фудбалерот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, по инцидентот на дуелот со Бенфика во Лигата на шампионите, кога Бразилецот пријави расистичка навреда.
Винисиус реагираше веднаш на теренот и му се пожали на судијата во Лисабон, а од таборот на „кралевите“ подоцна информираа дека навредите наводно дошле од Џанлука Престијани. Случајот предизвика бројни реакции во фудбалската јавност, особено по коментарите на тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, кој посочи дека однесувањето на напаѓачот на Реал можеби ја испровоцирало реакцијата.
Компани смета дека емоцијата на Винисиус била искрена и неподготвена.
„Кога ќе се види ситуацијата, неговата реакција не изгледа како нешто што може да се одглуми. Беше очигледно дека е потресен. Не гледам зошто би отишол кај судијата и би презел таков товар врз себе ако немало причина. Ако реагирал така, верувам дека сметал дека тоа е исправно“, порача стратегот на Баерн.
Тој беше критичен и кон настапот на Мурињо по натпреварот.
„За мене уште посериозно е тоа што се случи по мечот. Кога еден тренер и лидер јавно ќе нападне играч во ваква ситуација, тоа е лош пример и не треба да се прифаќа“, истакна Компани.
Сепак, белгискиот тренер се обиде да ја намали тензијата.
„Го познавам како добра личност и не сакам да го оценувам како човек. Можам да разберам што можеби сакал да постигне, но во овој случај направи грешка“, заклучи Компани.