Македонскиот шампион Шкендија продолжува да ја живее европската бајка. Тетовци утре од 21 часот на арената Тодор Проески во Скопје ќе го одиграат првиот натпревар од плеј офот во УЕФА Конференциска лига против Самсунспор, со јасна цел да се направи уште еден историски чекор.
По обезбедената европска пролет, во таборот на Шкендија не застануваат тука. Капитенот Бесарт Ибраими порача дека тимот верува во нов подвиг и покрај тоа што турскиот состав важи за фаворит во двомечот.
„Сонот ни се исполни, но сега сакаме уште и да се обидеме да одиме понатаму во Европа. Атмосферата во тимот е многу добра. Одиме на победа и тука и на реваншот. Зошто да не? Знаеме за силата на противникот, знаеме дека е фаворит, но покажавме дека дома играме добро и се надевам на добра игра и резултат“, изјави Ибраими на денешната прес конференција.
Шкендија веќе покажа дека знае да биде конкурентна на европската сцена, а поддршката од трибините во Скопје ќе биде дополнителен мотив во битката за позитивен резултат пред реваншот во Турција.