Ждрепката во Брисел вчера сакаше Македонија за противници во новото издание од Лигата на Нации во „Б“ лигата да ги добие Шкотска, Швајцарија и Словенија, а денеска свое мислење за нашите можности даде и првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Групата не е лесна, свесен за тоа е и Омерагиќ кој очекува ова да биде еден вистински тест за нашите можности.
„Убаво е повторно да се види Македонија во вакво друштво, меѓу силни репрезентации. Објективно гледано, извлековме силни противници. Швајцарија и Шкотска, репрезентации кои веќе изборија пласман на Светското првенство и Словенија која исто така е квалитетна селекција. Но, во Б сегментот сите противници се силни. Сепак, Македонија веќе многупати покажа дека знае најдобро да игра против силни ривали, па очекувам и овојпат да бидеме на високо ниво, а навивачите да уживаат во натпреварите.
Веруваме во селекторот, веруваме во фудбалерите и ќе имаат максимална поддршка да ги остварат сите цели. Треба да одиме чекор по чекор. Нема потреба да бегаме од силни противници. Квалитетот се докажува токму на вакви натпревари, со карактер и со желба. Оваа група ќе ни овозможи јасно да видиме кои се нашите реални можности и каде сме во однос на најдобрите.
Ако некој посакува да играме само во Ц или Д дивизија за да победуваме, тоа е залажување самите себеси. За фудбалерите, ваквите натпревари треба да претставуваат уживање, но и вистински тест. На вакви дуели се станува фудбалер. Во оваа група навистина треба да видиме колку вредиме“, изјави Омерагиќ.
Македонија првиот натпревар од ова издание на Лигата на Нации го игра на 26 септември и тоа дома против Швајцарија.