Кристијано Роналдо со своето однесување во Ал-Наср повторно ги разгоре трансфер шпекулациите и најавите за можно враќање на европската сцена. Иако дел од медиумите најавуваа сензационален камбек и трета епизода во дресот на Манчестер Јунајтед, од Англија сега пристигнува појасна слика за ставот на клубот.
И покрај астрономскиот договор вреден околу 200 милиони евра по сезона, португалската ѕвезда, наводно, не е задоволна од престојот на Блискиот исток. Роналдо бил разочаран од начинот на кој се распределуваат финансиските ресурси меѓу клубовите под капата на Саудискиот јавен инвестициски фонд.
Како што пренесуваат извори блиски до ситуацијата, евентуалното заминување од Ал-Наср би можело да се случи во летото 2026 година. Во неговиот договор постои откупна клаузула од 60 милиони евра, која може да се активира во наредниот преоден рок.
И покрај годините, интересот за Роналдо не стивнува, пред сè поради неговото огромно спортско и маркетиншко влијание. Во јавноста се споменуваат различни дестинации – од емотивно враќање во Спортинг Лисабон, па сè до спектакуларна соработка со Лионел Меси во Интер Мајами. Дел од навивачите на Манчестер Јунајтед исто така би сакале повторно да го видат на „Олд Трафорд“, и покрај турбулентниот крај на неговиот последен мандат во ноември 2022 година.
Сепак, според „Скај Спорт“, такво сценарио во моментов е речиси исклучено. Од Манчестер Јунајтед наводно немаат намера повторно да го ангажираат Роналдо, бидејќи клубот е целосно насочен кон долгорочна реконструкција и доведување фудбалери кои допрва треба да ја градат својата кариера. За Португалецот, барем засега, вратата на „Олд Трафорд“ останува затворена.