Малдиви ретко се наоѓаат во фокусот на фудбалската јавност, но завршницата од домашниот шампионат донесе приказна која одекна низ цел свет.
Во битката за опстанок, Грин Стритс влезе во последното коло со јасна математика. Тимот знаеше дека ќе преживее во елитата доколку избегне пораз од четири гола разлика. Наместо да ризикува на терен, клубот се решил на поинаков чекор.
Фудбалерите воопшто не се појавиле на закажаниот дуел, па натпреварот бил регистриран со службени 3-0. Токму таквиот епилог им одговараше, бидејќи со подобра гол разлика останаа над линијата, додека Клуб Валенсија се пресели во понизок ранг.
Сепак, приказната можеби нема да заврши тука. Постојат најави дека Фудбалски сојуз на Малдиви може дополнително да реагира и да покрене постапка која би донела нови санкции за контроверзниот потег.