Мари Кармен Фернандез, мајката на легендарниот голман на Реал Мадрид, Икер Касиљас, јавно го обвини претседателот на клубот Флорентино Перез дека со разни игри и интриги го избркал нејзиниот син од „Сантијаго Бернабеу“.
Касиљас важи за еден од најдобрите голмани во историјата на светскиот фудбал. На само 18 години застана меѓу стативите на Реал Мадрид и цели 25 години беше дел од „кралскиот клуб“, сè до 2015 година, кога на изненадување на јавноста го напушти клубот, иако сè уште бранеше на врвно ниво. Голем дел од фудбалската јавност смета дека Касиљас бил понижуван и без потреба отстранет од клубот. Кариерата ја продолжи во Порто, каде што во 2020 година, поради срцеви проблеми, беше принуден да се повлече.
Неговата мајка не ја крие огорченоста кон Реал Мадрид и Флорентино Перез, кого го опишува како човек кој никогаш не сакал Икер да ја заврши кариерата во Мадрид.
„Со сета почит кон Куртоа, Икер е најдобриот голман во историјата на Реал Мадрид, а заврши во Порто, кој сепак е третокласен клуб за неговиот калибар“, изјави Мари Кармен.
Таа откри и дека денес жали што Икер е роден во Мадрид, а не во Баскија, од каде што потекнува неговиот татко, убедена дека Атлетик Билбао многу повеќе би го почитувал.
„Го родив во Мадрид затоа што бев поблиску до моето семејство, но денес жалам поради тоа. Икер можеше цела кариера да ја помине во Атлетик и таму ќе го третираа многу подобро отколку во Реал“, истакна таа.
Според неа, Перез никогаш немал симпатии кон Касиљас.
„Флорентино не го сакаше затоа што беше низок за голман. Тој сака високи голмани и беше опседнат со доведување на Буфон“, тврди мајката на Икер.
Таа додаде дека нејзиниот син поминал низ огромен притисок и неправеден третман.
„Мојот Икер претрпе повеќе отколку што некој може да замисли. Болката ја носи во себе и никогаш не зборува за проблемите. Со години го гледав како страда. Флорентино вадеше валкани трикови и го третираше ужасно. Тој го избрка од клубот. Голман како него не смее да заврши во Порто. Тоа е премал клуб за калибарот на мојот син. Можеше да игра каде било, а јас немаше да имам ништо против дури и да заминеше во Барселона, која е господски клуб“, заклучи таа.
Касиљас во дресот на Реал Мадрид забележа 725 настапи и освои сè што можеше да се освои, исто како и со репрезентацијата на Шпанија, за која настапи 167 пати.