Колумбискиот мајстор Хамес Родригез ја продолжува кариерата во Соединетите Американски Држави и ќе го носи дресот на Минесота Јунајтед.
Искусниот офанзивец реши завршницата од клупската сезона да ја дочека во земјата која воедно ќе биде домаќин и на следниот Мундијал, каде што Родригез се надева дека ќе настапи со националниот тим на Колумбија. Американскиот клуб го потврди договорот со Колумбиецот. Од Минесота имаат големи очекувања од звучното засилување.
„Веруваме дека, со нашата структура и култура, Хамес може да донесе потребна димензија на екипата. Фокусирани сме да го интегрираме на најдобар можен начин за да придонесе во подигнување на квалитетот на целиот тим. Уверени сме дека заедно можеме да создадеме нешто важно и вредно за нашата заедница, нашиот клуб и нашите навивачи“, соопштија од клубот.
За Родригез ова ќе биде 13 клуб во кариерата. Во последните шест години често ги менуваше средините и ова ќе биде шеста различна држава во тој период.
Во изминатата година настапуваше за мексиканскиот Клуб Леон, од каде сега се сели во МЛС во обид повторно да ја врати препознатливата форма.