Не така одамна Лестер ја направи една од најголемите сензации освојувајќи ја Премиер лигата, но денес клубот се соочува со сериозна опасност да заврши во третолигашкото друштво. Една деценија по сензационалното освојување на титулата, „лисиците“ се наоѓаат во долниот дел од табелата во Чемпионшип и се на чекор од позициите кои водат во Лига 1, третото по ранг натпреварување во Англија.
Сезоната ја почнаа со амбиции за брзо враќање меѓу елитата, но реалноста на теренот е далеку од очекувањата. Лестер бележи разочарувачки резултати, а кризата дополнително се продлабочи по најновата одлука на раководството на лигата, кое му изрече бодовна казна.
Поради прекршување на правилата за профит и финансиска одржливост, клубот беше санкциониран со одземање на шест бодови. Со тоа, Лестер се израмни со Вест Бромвич и Блекбурн, кои исто така имаат по 32 бодови и се на делба на местата што водат во третото ниво од англискиот фудбал.
Под нив се наоѓа Оксфорд, кој заостанува шест бодови зад безбедната зона, како и Шефилд Венсдеј, кој практично е веќе отпишан со минус седум бодови.