Македонскиот фудбалски стратег Горазд Михајлов продолжува со интернационален предизвик и доби ангажман во Литванија, каде што ќе ја преземе улогата на шеф на стручниот штаб на Ритериаи.
Михајлов зад себе има богата тренерска биографија и значително искуство, како на домашната сцена, така и во странство.
Во Македонија ги водеше Беса, Брера, Вардар, Силекс и Борец, додека надвор од земјата беше дел од Ал Дафра. Во својата кариера работеше и како асистент тренер во Хата, Тетекс, Ал Кадсија, Рудар и уште неколку клубови.
Неговиот нов тим ја имаше една од послабите сезони во литванското првенство, откако заврши на деветтото место во конкуренција од десет екипи, а настапот во Купот го заврши уште во втората рунда. Целта на Михајлов ќе биде стабилизација на екипата и значително подобрување на резултатите во сезоната што следи.