Интер ќе мора да се снајде без еден од своите најважни фудбалери на гостувањето кај Борусија Дортмунд во клучниот дуел од Лигата на шампионите, откако стана јасно дека Николо Барела нема да биде во комбинација за настап.
Италијанскиот репрезентативец заработи повреда на последниот натпревар за „нероаѕурите“, а по извршените лекарски прегледи беше утврдено дека станува збор за полесен мускулен проблем. Иако состојбата не е сериозна, стручниот штаб реши да не ризикува, па Барела ќе го пропушти натпреварот во Германија, како и претстојниот дуел од Серија А против Кремонезе. Очекувањата се дека ќе биде подготвен за враќање на теренот на следниот натпревар против Сасуоло.
Во досегашниот дел од сезоната, Барела одигра 29 натпревари во сите конкуренции за Интер, при што запиша еден погодок и шест асистенции, потврдувајќи ја својата важност во играта на тимот.
Интер се наоѓа во незавидна позиција во Лигата на шампионите, откако по трите порази во низа од Атлетико Мадрид, Ливерпул и Арсенал падна на 14. позиција на табелата. Поради тоа, јасно е дека гостувањето во Дортмунд носи императив победа, со цел подобра позиција пред почетокот на нокаут фазата од елитното европско натпреварување.