Талентираниот хрватски фудбалер Леон Јакировиќ е нов член на италијанскиот гигант Интер.
Станува збор за 18-годишен дефанзивец висок 191 сантиметар, кој може да настапува како стопер, но и на позицијата лев бек. Во редовите на „нерѕурите“ пристигнува од загрепски Динамо, каде што важеше за еден од најперспективните млади фудбалери.
Според информациите на познатиот фудбалски „инсајдер“ Фабрицио Романо, Динамо од овој договор ќе заработи 2,5 милиони евра, со дополнителни два милиони евра преку договорени бонуси, како и процент од евентуална идна продажба.
Јакировиќ со Интер потпиша договор до јуни 2030 година, а првично ќе се адаптира на новата средина настапувајќи за У23 тимот на клубот од Милано.
Интерес за младиот дефанзивец, наводно, покажале и Барселона, Наполи, Штутгарт и Салцбург, но Интер беше најбрз и најконкретен во преговорите.