Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Герет Бејл, кој со „кралевите“ освои пет титули во Лигата на шампионите, се осврна на неодамнешното заминување на Чаби Алонсо од клупата на мадридскиот гигант и објасни зошто неговиот мандат не ги исполнил очекувањата.
Велшанецот најпрво упати пофалби на адреса на шпанскиот стручњак, потенцирајќи го успехот што го имал пред доаѓањето во Реал Мадрид.
„Тој е неверојатен тренер. Освои сè што освои со Баер Леверкузен, освојуваше трофеи и водеше тим на навистина високо ниво, но кога доаѓаш во Реал Мадрид, не е доволно само да бидеш тренер, мора да бидеш менаџер и да знаеш како да управуваш со егото во соблекувалната. Неговото заминување не ме изненади, целосно разбирам како функционира Реал Мадрид и кога резултатите не доаѓаат, а не мора да бидат ни катастрофални, тогаш си заминуваш“, изјави Бејл.
Тој додаде дека работата во соблекувалница полна со врвни фудбалери бара поинаков пристап и помал фокус на тактичките детали.
„Мора да го галиш егото. Не мора да правиш толку многу тактички работи, бидејќи таму има суперѕвезди кои можат да решат натпревар за миг. Може да се види дека тој е одличен тренер и тактичар, но во Мадрид, очигледно, тоа не функционираше“, заклучи Бејл.