Екипата Арсими има турбулентни подготовки во Медулин, откако денешниот пријателски натпревар против полската Одра не го дочека крајот и беше прекинат уште во првото полувреме.
Првично, од таборот на Одра преку социјалните мрежи информираа дека македонскиот состав не се појавил на теренот за продолжение на мечот, наведувајќи дека причините за таквиот потег им се непознати.
„Денешниот натпревар против екипата на Арсими од Македонија заврши предвреме откако од непознати причини фудбалерите на екипата на Арсими го напуштпија теренот пред крајот на првото полувреме“, соопштија од редовите на Одра.
Набрзо потоа, со своја реакција се огласи и Арсими и посочи дека причината за прекинот била грубата и агресивна игра на противникот.
„Денешниот натпревар не беше продолжен поради исклучително агресивниот пристап и агресивната игра на противничката екипа, кои се интензивираа по водството од 2-0. Имајќи предвид дека нашата екипа се наоѓа во подготвителна фаза и дека приоритет ни е здравјето и безбедноста на играчите, не сакавме да ризикуваме евентуални повреди.
Поради тоа, донесовме одлука да го повлечеме тимот од понатамошно продолжување на натпреварот. Оваа одлука е донесена единствено со цел да се заштитат нашите фудбалери и да се зачува спортскиот дух, кој секогаш треба да биде пред сè“, стои во реакцијата на клубот од Чегране.