Легендата на Манчестер јунајтед и поранешен капитен на „црвените ѓаволи“, Гери Невил, повторно ја коментираше актуелната состојба во клубот, упатувајќи остри критики поради резултатската и организациска криза која трае со години.
Манчестер јунајтед оваа сезона веќе ги заврши настапите во Лига купот и ФА купот, а отсуството од европските натпреварувања значи дека до крајот на сезоната тимот ќе се фокусира исклучиво на Премиер лигата.
Иако Флечер беше назначен како привремено решение по заминувањето на Аморим, промените на клупата не донесоа голем напредок. Според Невил, проблемите одат многу подлабоко и не се сведуваат само на тренерската позиција.
„Ова е срам за клуб со таква големина. Испаѓањето од двата купа до овој момент од сезоната кажува се. Нема интензитет, нема гордост за дресот што се носи. Гледаш играчи и не чувствуваш страв, верба или идентитет на Јунајтед. Фудблерите изгледаат опуштено. И тоа не е само до играчите на теренот, целата клупска хиерархија мора да преземе одговорност, бидејќи вакви работи се дозволуваат и повторуваат со години. Манчестер Јунајтед во овој момент не изгледа како сериозен фудбалски клуб“, порача Невил.