Фудбалскиот клуб Вардар работи на задржување на својот најдобар играч Роџерс Мато.
Откако во претходниот период имаше доста интерес, а и неколку понуди за играчот од Уганда клубот реши да „интервенира“. Вардар ја зголеми откупната клаузула на Мато која ќе изнесува високи 1,5 милиони евра во иднина.
Тоа значи дека ако некој сака да го доведе крилото од Уганда, ќе мора сериозно да се истакне и да ја наполни касата на Вардар. Досега конкретен интерес за Мато покажа шкотскиот лидер Хартс, а се споменуваше и заинтересираност од турски Трабзонспор.
„ФК Вардар АД ја информира јавноста дека, поради зголемениот интерес од повеќе странски клубови за нашиот фудбалер Рогерс Кассим Мато, Управата на клубот донесе одлука да утврди откупна клаузула во износ од 1.500.000 евра“, напишаа од клубот.