Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на Светскиот спортски самит во Дубаи, најави можна револуционерна промена на правилото за офсајд, идеја што пред две години ја промовираше поранешниот трофеен тренер на Арсенал, Арсен Венгер.
„Разгледуваме промена на правилото за офсајд, кое еволуираше низ годините и во моментов бара напаѓачот да биде зад дефанзивецот. Можно е во иднина офсајд да се смета само ако напаѓачот е целосно пред дефанзивецот. Постојано ги преиспитуваме правилата и се прашуваме како можеме играта да ја направиме поофанзивна и поатрактивна“, изјави Инфантино.
Иницијативата на Венгер, позната како „Законот на Венгер“, има за цел да го поедностави и унапреди правилото за офсајд, кое често е извор на контроверзии, особено во ситуации кога разликата меѓу дефанзивецот и напаѓачот е минимална и речиси невидлива со голо око.
Според предлогот, офсајд повеќе не би се досудувал доколку само еден дел од телото на напаѓачот е пред противничкиот играч, туку само во случај кога целото тело на напаѓачот е пред дефанзивецот.
Меѓународниот одбор на фудбалските асоцијации (ИФАБ), единственото тело надлежно за измена на фудбалските правила, ќе го анализира овој предлог на состанокот закажан за 20 јануари во Лондон. Потоа, на главното собрание во Велс во февруари, ќе се води поширока расправа, а намерата е евентуалната промена да почне да се применува од наредната сезона.