Гаел Клиши доби нов предизвик во својата кариера и првпат ќе ја има улогата на главен тренер, откако беше назначен на клупата на Каен, клуб кој е во сопственост на Килиан Мбапе.
Француската ѕвезда во септември 2024 година стана мнозински сопственик на Каен, откако преку својот инвестициски фонд откупи повеќе од 80 проценти од акциите за сума помала од 20 милиони евра. Со таа инвестиција се најавуваше нова ера за клубот и враќање на старите амбиции. Сепак, реалноста на теренот беше поинаква. Каен не успеа да обезбеди опстанок и заврши со испаѓање во третиот ранг на францускиот фудбал, што претставуваше голем удар за клубот и за проектот на Мбапе.
Клиши пристигнува во период исполнет со нестабилност, слаби резултати и бројни организациски проблеми. Ниту актуелната сезона не носи значителен напредок, а Каен моментално се наоѓа на десеттото место на табелата, далеку од позициите кои водат кон повисок ранг.
Поранешниот лев бек на Арсенал и Манчестер Сити ќе има задача да внесе стабилност, да ја консолидира екипата и постепено да го врати клубот на патот кон подобри резултати, во обид да го оправда довербата добиена од сопственикот и раководството.