„Рингов секогаш бараше Кочо да ја избере јужната трибинa – таму имаше сенка, не сакаше сонце!“

by Стефан
1 минути читање

Денеска во Скопје Вардар ја одржа комеморацијата во чест на Васил Рингов на која клубот информираше дека дресот со број „11“ е повлечен од употреба, а исто така „црвено-црните“ поднеле и инцијатива јужната трибина на стадионот „Тодор Проески“ да го носи името на Рингов.

На комеморацијата присуствуваше и искусниот македонски тренер Ѓоре Јовановски кој зборуваше за деновите поминати со Рингов.

„Рингов беше човек кој имаше свое достоинство, интегритет, тоа треба да се нагласи посебно во денешно време кога е тешко да се задржи тој интегритет. Таа негова оригиналност може да се искаже и со струмичкиот акцент кој му беше пристутен кога дојде. Секое дружење со него, секој тренинг, секој натпревар, секое патување со него можеше пет-шест анегдоти да се раскажат. Неговиот дух секогаш ќе лебди над Градски, секогаш ќе лебди особено над јужната трибина. Не можеме да ги заборавиме неговите центаршутеви, секогаш знае да те погоди во трепавица.

Да го споменеме антологискиот гол против Трепче со глава со кој го однесе Вардар во првата лига. Тоа можеби и му беше единствениот гол со глава во кариерата. Не можам да ги заборавам тие тренинзи кои ги правевме еден час пред да почне официјалниот тренинг. Никогаш не можам да заборавам кога пред почеток на натпревар секогаш ќе отидеше до капитенот Кочо Димитровски и ќе му речеше те молам одбери ја јужната трибина, а сите знаеме дека ја бираше поради тоа што таму имаше сенка, не сакаше да игра на сонце“, откри Јовановски.

За Вардар Рингов одигра над 200 натпревари во кои постигна 93 погодоци.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×