Египетската фудбалска репрезентација обезбеди пласман во нокаут фазата на Африканскиот Куп на нации по победата над Јужна Африка со 1:0 на натпреварот одигран во Агадир.
Решавачкиот момент се случи на самиот крај од првото полувреме, кога беше досуден пенал за Египет, а капитенот Мохамед Салах беше сигурен од белата точка. Непосредно пред паузата Египќаните останаа со играч помалку по исклучувањето на Мохамед Хани.
Во вториот дел Јужна Африка имаше иницијатива и неколку добри прилики, но не успеа да ја искористи бројчаната предност и да стигне до израмнување, иако во финишот имаше и спорна ситуација во шеснаесетникот на Египет.
Со овие три бода Египет стана првата селекција што обезбеди осминафинале на турнирот, откако создаде недостижна разлика во однос на Зимбабве и Ангола, кои одиграа 1:1.