Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го одбра Гоце Седлоски како нов селектор на македонската репрезентација, со него ќе ги водиме бараж битките за пласман на Светското првенство.
Како што и се претпоставуваше, Гоце Седлоски е наследникот на Благоја Милевски на кормилото на македонската репрезентација.
„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската А репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски.
Членовите на највисокото тело на ФФМ, одлуката за избор на нов селектор на македонската А репрезентација ја донесоа по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ“, се вели во соопштението на ФФМ.
Засега нема официјална информација на колку години е потпишан договорот и дали ќе остане тренер на Вардар. Веројатно се работи за четиригодишен договор и паралелно ќе биде тренер и на црвено-црните до крајот на сезоната, а веројатно и на европските натпревари.
За утре од 11:30 часот е закажана прес-конференција на која ќе биде официјалната промоција на Гоце Седлоски за нов селектор и ќе бидат соопштени деталите.