Лидерот во Премиер лигата и Лигата на шампионите, Арсенал, се соочува со сериозни проблеми кога станува збор за повредите на фудбалерите, а менаџерот Микел Артета денеска доби уште една лоша вест, германскиот офанзивец Кај Хаверц нема да се врати на терен во терминот што првично беше планиран.
Хаверц е надвор од тимот уште од август. Ја санираше повредата на коленото која долго време го оддалечи од натпреварите, но во меѓувреме се појави нов проблем, поради што се очекува да биде подготвен дури по околу три недели.
Во меѓувреме, Арсенал доби добри вести со враќањето од повреда на Мартин Одегард, Виктор Ѓокереш, Габриел Жезус и Нони Мадуеке, додека сè уште се надвор од комбинација Габриел, Кристијан Москера и Бен Вајт.
„Топчиите“ се наоѓаат на првото место на табелата во Премиер лигата со 36 бодови, два повеќе од Манчестер сити и три од Астон Вила, а во сабота од 21 часот ќе гостуваат кај Евертон во рамки на 17. коло.
Во Лигата на шампионите, Арсенал има максимален учинок со шест победи од исто толку натпревари.