Полусезоната во македонската лига заврши, но на Шкендија ѝ остануваат уште два европски натпревари, првиот е веќе во четврток кога го пречекуваат тимот на Слован Братислава во рамките од петтото коло во Конференциската лига.
Голманот на Шкендија, Бубакар Гаје вели дека ќе се обидат да дојдат до победа против Слован Братислава која има освоено бод помалку од Шкендија во првите четири кола од Конференциската лига.
„Шампионската титула и пласманот во Конференциската лига е одличен успех. Очекувам на пролет да бидеме уште посилни, но сега се фокусираме на последните два меча. Ги повикувам навивачите да ни дадат поддршка против Слован, а ние ќе дадеме сè од себе за позитивен резултат“, кажа Гаје.
Покрај дуелот во четврток, имаат меч и на 18 декември кога гостуваат на АЕК Ларнака во последното коло од лигашкиот дел во Конференциската лига.
„Максимално сме фокусирани на последните два предизвици. Европските натпревари се нешто посебно, не се случуваат секој ден и уживаме во нив, но воедно се бориме за позитивни резултати“, вели голманот на Шкендија.
Мечот меѓу Шкендија и Слован Братислава се игра в четврток од 18.45 часот.