Интер Мајами ја доживеа најубавата вечер во својата историја и го освои првиот трофеј во МЛС лигата со победата над Ванкувер. Триумфот значеше посебен момент за Дејвид Бекам кој како еден од сопствениците на клубот ја донесе титулата и како функционер и како поранешен фудбалер кој настапуваше во ова првенство.
Лионел Меси повторно беше клучната фигура. Поранешниот ас на Барселона запиша две асистенции и ја водеше екипата до историски успех. По мечот Бекам собра големо внимание со својата искрена изјава за врската меѓу Меси и Каталонците.
„Би сакал Меси да живее во Мајами кога ќе се пензионира, но Лео ми рече дека размислува само за живеење во близина на Камп Ноу. Нема играч кој ја сака Барселона како него. Можете да го видите логото од Барселона на неговата нога, па дури и на шишето од кое пие вода“, изјави Бекам по освоениот трофеј.
Минатата недела спортскиот директор на Барселона Деко истакна дека не постојат разговори за враќање на Меси на Камп Ноу. Аргентинецот има важечки договор со Интер до крајот на 2028 година и тогаш би имал 41 година.