Фудбалерите на Шкендија ѝ гостуваат на Дрита во Приштина за натпреварот од четвртото коло на Конференциската лига на УЕФА.
Откако пред репрезентативната пауза тетовци во последните секунди испуштија победа против Јагиелонија дома, сега пред нив е нов предизвик кој може да биде многу важен. Бодовите од дуелот со Дрита се круцијални во борбата за пласман меѓу најдобрите 24 екипи за европска пролет. Сепак, амбициите се исти и кај Косовците кои досега се без пораз.
Пред мечот своите очекувања ги сподели тренерот на Шкендија, Јетон Беќири кој кажа:
„И двата тима се подготвени да го дадат својот максимум, посакувајќи ги бодовите од овој меч кој е натпревар од посебно значење. Искрено се надеваме дека ќе дојдеме до позитивен резултат, а позитивен резултат за нас е победа. Мислам дека ќе биде динамичен, квалитетен натпревар, а нека победи тимот што ќе покаже повеќе на теренот, тимот што ќе има повеќе спортска среќа или тимот што најдобро ќе ги искористи создадените шанси. Може само да кажам дека сите играчи се подготвени и мотивирани и се надевам дека оние што ќе излезат на терен ќе го дадат својот максимум“.
Натпреварот меѓу Дрита и Шкендија ќе се одигра на стадионот „Фадиљ Вокри“ во Приштина вечерва во 21:00 часот.