Арсенал го победи Баерн, Мбапе му даде четири гола на Олимпијакос, дебакл на Ливерпул! (ВИДЕО)

by riste
2 минути читање

Дожд од голови на денешните натпревари во Лигата на шампионите, во дербито Арсенал со 3-1 го совлада Баерн Минхен, Реал Мадрид со 4-3 славеше над Олимпијакос, сите погодоци за кралевите ги даде Мбапе, ПСЖ со 5-3 беше подобар од Тотнем, Атлетико Мадрид со гол во 93. минута го победи Интер со 2-1.

Арсенал покажа дека во овој момент е најдобриот тим во Европа, топчиите положија уште еден тест, го совладаа Баерн кој изгледаше непобедливо.

Арсенал погоди со гол на Тимбер во 22. минута од натпреварот по еден корнер. Десет минути подоцна Баерн направи една фантастична акција, а егзикутор беше Карл за 1-1.

Тој резултат беше актуелен до 69. минута кога Калафиори штотуку влезе во игра, асистираше до Мадуеке, а тој погоди за 2-1.

Конечните 3-1 ги постави Мартинели кој искористи една грешна проценка на Нојер и даде гол за сигурен триумф.

Мбапе беше во центарот на вниманието во Грција каде постигна четири гола против Олимпијакос, а Реал Мадрид победи со 4-3.

Во првото полувреме за помалку од седум минути даде три гола постигнувајќи го вториот најбрз хет-трик во Лигата на шампионите. Во вториот дел даде уште еден погодок.

Дерби се играше во Мадрид каде Атлетико со гол на Хименез во 93. минута го победи Интер со 2-1.

Претходно Хулен Алварез уште во деветата минута донесе водство за Атлетико, по девет минути игра во второто полувреме Зиелински го изедначи резултатот на 1-1.

Вистински шок доживеа Ливерпул кој на Енфилд загуби од ПСВ со 4-1. Ова беше трет пораз по ред со три гола разлика за црвените.

Собослаи го постигна единствениот гол за Ливерпул, Перишиќ, Тил и два гола даде Дриуч за ПСВ.

Лудо беше во Париз каде ПСЖ со 5-3 го совлада Тотнем. Англискиот тим двапати водеше, на крајот загуби со пет примени гола.

Витиња даде хет-трик, по еднаш погодија Руиз и Пачо за ПСЖ, за Тотнем двапати погоди Коло Муани, еднаш Ришарлисон.

Аталанта во рок од пет минути даде три гола во Франкфурт и со 3-0 го победи Ајнтрахт. Од 60 до 65 минута погодија Лукман, Едерсон и Де Кетеларе.

Победа од 3-0 славеше и Спортинг над Клуб Бриж. Куенда, Суарез и Тринкао беа стрелци на головите.

Претходно Копенхаген со 3-2 го победи Каират Алмати, а Пафос одигра 2-2 со Монако.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×