Следниот официјален натпревар на Барселона ќе биде како домаќин против Атлетик Билбао, закажан за 22 ноември, но шест дена пред мечот, „каталонците“ сè уште не знаат каде ќе го пречекаат својот ривал.
На официјалната веб-страница на клубот сè уште не е објавено местото на одигрување, иако до натпреварот остануваат само неколку дена. Барселона неодамна доби дозвола да игра на Камп Ноу, но таа важи само за ограничен дел од стадионот, односно за околу 20.000 гледачи. Во клубот не се задоволни од ова и инсистираат дека тимот ќе се врати на „Камп Ноу“ само кога ќе биде одобрено да присуствуваат 45.000 навивачи, поради што сè уште не е потврдено каде ќе се одигра дуелот.
Ако во текот на следната недела добијат целосна дозвола, натпреварот ќе се одигра на „Камп Ноу“. ”Во спротивно, останува опцијата Олимписки стадион, а враќањето дома веројатно ќе биде одложено за мечот против Алавес на 29 ноември.
