Шкендија и Силекс ги искористија проблемите на противниците и ги запишаа највисоките победи оваа сезона во ПМФЛ.
Тетовчани го дочекаа тимот на Македонија Ѓорче Петров кој на теренот истрча со девет младинци и само двајца сениори, а тоа резултираше со висока победа на Шкендија од 7-2. Рано со головите на Атдхе Мазари и Флорент Рамадани беше најавен текот на мечот. „Лавовите“ имаа свои моменти, Аљман Етеми погоди и намали на 2-1, а потоа голманот Трајков одбрани и пенал.
До полувремето Анес Мелиќи зголеми на 3-1, резултат кој беше активен на паузата. Во вториот дел вторпат стрела Мазари, а потоа за промашениот пенал се искупи и Адеми. До крајот на мечот Белица и Љатифи зголемија на 7-1, а Сулејмани го постави конечниот резултат.
Фудбалерите на Силекс за полувреме го решија мечот со „фенерџијата“ Шкупи и славеа со 5-1 (4-0) на „Градскиот стадион“ во Кратово. Ади Алиќ го отвори резултатот, а набргу погоди и Мигел Пиреш. Следеше втор гол на Алиќ, а потоа мајсторија изведе Мартин Мирчевски кој погоди атрактивно со лоб-удар. Во второто полувреме Мирчевски погоди вторпат и ги постави конечните 5-1.
Шкендија е третопласирана со 27 бода, Силекс има 25, Македонија Ѓорче Петров е осмопласирана со 14, а Шкупи е на дното со еден бод.