Шкендија треба да има лесна задача со Македонија ЃП, Силекс е голем фаворит против Шкупи

by riste
3 минути читање

Денеска со почеток од 13 часот на програмата се последните два меча од колото во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Шкендија ја пречекува екипата на Македонија Ѓорче Петров, а Силекс е домаќин на Шкупи.

Македонија Ѓорче Петров има сериозни проблеми, а нашите информации велат дека на денешниот натпревар со Шкендија ќе настапи со младинци откако новиот газда ги суспендираше играчите од првиот тим кои штрајкуваа.

Синоќа од клубот си заминаа тренерот Бобан Грнчаров и спортскиот директор Александар Бајевски, па ваквите турбуленции во клубот од Ѓорче Петров наговестуваат лесна победа за Шкендија денеска.

„Игравме еден исцрпувачки меч во Европа, одигравме 1:1 откако примивме гол во последните секунди, но мислам дека тоа беше добар резултат за нас, и меч во кој се боревме до самиот крај. Сега се враќаме во нашето првенство, не очекува натпревар против Македонија ЃП во кој мора да имаме правилен пристап. Фудбалерите кои ќе настапат, верувам дека се психички и ментално подготвени за уште еден борбен натпревар. Веќе сме подготвени за следниот предизвик. Разговаравме за сите начини како треба да му пристапиме на овој натпревар. Натпреварот од четврток треба да го оставиме зад нас и верувам дека целиот фокусот сега мора да биде насочен кон нашето првенство. Против сите екипи пристапуваме максимално сериозно, и не нè интересираат проблемите на противниците. Повеќе се фокусираме како ние ќе одиграме. Потребен е максимален фокус и огромна посветеност за да дојдеме до три бода“, изјави стоперот на Егзон Белица.

Многу поконкурентен натпревар се очекува во Кратово каде Силекс е домаќин на Шкупи. Кратовскиот тим е голем фаворит, но се очекува отпор од чаирчани.

„Го респектираме Шкупи, но очекувањата се дека ќе го добиеме натпреварот, со оглед на тоа во каква ситуација е нашиот противник. Но, не треба да се опуштиме дека предвреме е завршено. Треба секој играч да го даде максимумот и да одиграме како што го играме секој натпревар. Добро ќе биде да освоиме три бода, за да ја подигнеме атмосферата, и да фатиме победнички ритам после два натпревари без победа“, рече голгетерот на Силекс, Мартин Мирчевски.

Шкупи на денешниот меч ќе биде воден од новиот тренер, Минас Османи.

„Знаеме дека се наоѓаме во тешка ситуација и дека ни се потребни позитивни резултати, но она што ме радува е фактот дека атмосферата во клубот и во тимот е многу добра. Имам на располагање група на млади фудбалери кои носат енергија и позитивен дух, што е многу важно за нас како екипа. Иако официјално сум прв тренер само една недела, јас цело време сум бил покрај тимот, добро ја познавам екипата, секој играч и начинот на кој функционираме како група. Цврсто верувам дека со работа и посветеност ќе успееме да излеземе од оваа ситуација. Против Силекс не одиме само да учествуваме – одиме во Кратово да освоиме бодови. За нас секој натпревар е како финале. Работевме максимално во текот на неделата и сериозно се подготвивме за овој натпревар. Нашата цел е јасна – да ги освоиме трите бода и да си дадеме на себе и на нашите навивачи причина да веруваат уште повеќе во оваа екипа”, изјави Минас Османи, главниот тренер на ФК Шкупи.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×