Винициус Жуниор сè почесто е центар на вниманието поради негативни аспекти, повеќе отколку за позитивни. Ѕвездата на Реал Мадрид има договор со клубот до јуни 2027, па до летоска ќе треба да се одлучи дали истиот ќе се продолжи или пак ќе следува продажба.
Постоеја повеќе најави дека Винициус е незадоволен што е помалку платен од Килиан Мбапе, бидејќи смета дека заслужува исто или дури и повеќе пари. На оваа тема зборуваше поранешниот фудбалер и директор на „кралскиот“ клуб Предраг Мијатовиќ.
„Реал Мадрид многу добро ги контролираше платите во последните десет години, со обновувањето на договорите на Роналдо, Модриќ и Рамос. Клубот дури и се разделуваше со играчи затоа што не сакаше да учествува во ‘војни’ за тоа кој ќе има повисока плата. Ако Винисиус очекува да биде платен колку Мбапе, тоа е грешка. Мбапе заслужува висока плата зашто дојде без обештетување и Реал не плати трансфер за него. Многу е едноставно, ако си задоволен ќе останеш, ако не ќе си бараш нов клуб“, изјави Мијатовиќ.
Неодамна Винициус беше и во центарот на скандал со тренерот Чаби Алонсо, откако бурно реагираше на замена за време на „Ел Класико“.