ФФМ: Одлуките на судијата на мечот меѓу Вардар и Силекс се исправни!

by riste
1 минути читање

Брзо по завршувањето на мечот меѓу Вардар и Силекс, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) излезе со соопштение по повод двете клучни одлуки.

Во финишот од мечот најпрво беше досуден црвен картон за голманот на Силекс, а неколку минути подоцна и пенал за Вардар поради игра со рака.

„Во 85. минута, гостинскиот голман интервенира надвор од казнен простор, но неуспешно, без посед и контрола на топка, неспортски и намерно блатантно со двете раце го задржува противничкиот напаѓач. Без дилема очигледен прекршок, при што во тој момент голот на гостинската екипа е празен (небранет), а голманот нема можност да интервенира. Главниот судија има целосна контрола и добро ја антиципира ситуацијата по што покажува директен црвен картон за гостинскиот голман, правилно“.

„Во втората ситуација, 90+6 минута, главниот судија има блокирано видно поле поради поставеноста на играчите и природно не може да види игра со рака од гостинскиот одбранбен играч при една високо нафрлена топка во казнениот простор. ВАР судиите правилно интервенираат и по преглед на снимка на терен од страна на главниот судија е досуден пенал за домашната екипа поради играта со рака која во моментот на контактот е во неприродна положба, одвоена од телото во висина на рамото, одбранбениот играч со ваквото неприродно движење на раката презема ризик. Пенал без дисциплинска мерка е правилна судиска одлука“.

„Судискиот одбор ја потврдува исправноста на двете клучни одлуки на натпреварот. ВАР системот повторно се потврди како клучна поддршка за судиите во носењето точни и правични одлуки во најважните моменти од натпреварите“, стои во соопштението на ФФМ кое може да го видите на овој ЛИНК заедно со видеата од спортните ситуации.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×