Македонија Ѓорче Петров и Башкими ќе се судрат во Скопје на отворањето на 11. коло во Првата македонска фудбалска лига.
„Лавовите“ го дочекуваат тимот кој игра во одлична форма и пет кола е без пораз во ПМФЛ. Пред дуелот своите очекувања ги сподели десниот бек Христијан Пецов.
„Башкими е квалитетен противник, но ние одиме чекор по чекор. Не се оптоваруваме премногу со противникот, многу повеќе сме фокусирани на она што ние ќе го одиграме. Македонија ЃП е екипа која не го менува стилот на игра. Сакаме да играме, да имаме посед, што од нас и се бара од тренерот Грнчаров. Имаме наш концепт на игра и знаеме што се бара од нас. Победата секако дека е единствена опција како и на секој меч. Македонија ЃП во оваа полусезона покажа дека може со секого, и дека не се плаши од никого. Грешките во играта ги поправаме во од и се обидуваме да ги сведеме на минимум. Имаме добар тим, квалитетни играчи и убеден сум дека со позитивна серија на мечеви без пораз, и доволно освоени бодови дека местото на табелата ќе ни биде уште повисоко“, изјави Пецов.
Од гостинскиот табор се обрати Мухарем Мислими. Тој нагласи дека по победата против Шкупи, сега мотивите се високи пред гостувањето во главниот град.
„Се враќаме на терен по трите бода против Шкупи, а екипата е супер мотивирана за следната победа. Минатата година со екипата на Македонија Ѓорче Петров до крај се боревме за висок пласман во Втората лига, така што многу добро ги знаеме. Сигурен дека Башкими нема да се врати со празни раце од овој натпревар. Имаме мотив и многу позитивна енергија да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Мислими.
Натпреварот меѓу Македонија Ѓорче Петров и Башкими се игра во терминот од 13:30 часот.