Црвена Звезда се наоѓа во една од најтешките фази во последните години. Целта за настап во Лигата на Шампионите пропадна уште во квалификациите, а продолжението во Лигата на Европа започна далеку под очекувањата на навивачите и раководството.
По ремито во Белград против Селтик и поразот од Порто, најсилен удар пристигна со гостувањето кај Брага. Српскиот првак загуби со 2:0 и остави впечаток на тим без енергија и без вистински одговор на теренот. Токму тоа дополнително ја разлути клупската управа која веднаш по враќањето во Белград реагираше со мерки.
Како што пренесува Спортал.рс, генералниот директор Звездан Терзиќ имал разговор со фудбалерите и јасно укажал дека ваков однос нема да се толерира во иднина. Притоа ги информирал играчите дека секој поединец ќе остане покус за 10.000 евра од договорените бонуси како казна за бледиот настап.
Ваквата одлука треба да ја разбуди екипата пред решавачките натпревари што следуваат. Црвена Звезда веќе нема простор за нови грешки во Европа. На 6 ноември во Белград ќе гостува Лил и само победа може да ја одржи надежта за успешно презимување во Лигата на Европа.