Фудбалерите на Тиквеш и Арсими го одиграа најбурниот меч во сезоната во ПМФЛ, а на крајот кавадарчани останаа разочарани по поразот од 3-4. Причината за тоа беше фактот што домаќинот во два наврати имаше предност од два гола.
Разочарувањето по последниот свиреж беше огромно и веднаш донесе промена на клупата. Тренерот Ѓорѓи Мојсов ја понуди својата оставка поради новиот кикс, а управата на клубот веднаш ја усвои. Со тоа целокупниот стручен тим заминува од позициите во кој функционираше. Во стручниот штаб беа Христијан Кировски и кондицискиот тренер Трајче Орешков.
Тиквеш најави дека за кратко време ќе има ново тренерско решение. Преговорите со неколку кандидати се во тек, а целта е екипата што е можно побрзо да добие нов предводник и свеж импулс за предизвиците што следуваат.