Вечерва во Мадрид се игра дербито на колото во Лигата на шампионите, а пред натпреварот меѓу Реал и Јувентус фокусот падна врз неверојатната голгетерска форма на Килијан Мбапе и слабата ефикасност на „старата дама“.
Францускиот ас сезонава игра во одлична форма и на 11 натпревари веќе има постигнато 15 погодоци во сите натпреварувања, исто колку и целиот тим на Јувентус. Тој редовно се запишува меѓу стрелците, а во одличната серија додаде и три погодоци за репрезентацијата на Франција. Последен пат кога не го пронајде патот до мрежата, беше на 30 август против Мајорка.
Екипата на Јувентус од друга страна постигна девет голови во седум натпревари во Серија А и уште шест во Лигата на шампионите.
Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, на прес-конференцијата изјави дека Мбапе е повеќе од обичен стрелец и дека неговото влијание врз играта е огромно, дури и кога не постигнува голови.
Големото дерби меѓу Реал Мадрид и Јувентус на програмата е вечерва од 21:00 часот.